Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) објавува повик за пријавување на филмови за македонски кандидат за 99. награди на Академијата за филмски уметности и науки (Academy of Motion Picture Arts and Sciences – AMPAS) во категоријата за најдобар меѓународен филм (Best International Feature Film).
Услови за пријавување
Согласно правилата на Академијата, меѓународен долгометражен филм е филм со времетраење подолго од 40 минути, произведен надвор од Соединетите Американски Држави и нивните територии, во кој повеќе од 50% од оригиналниот дијалог во финалната верзија на филмот е на еден или повеќе јазици различни од англискиот.
Право да се пријават и да учествуваат во изборот имаат долгометражни играни, анимирани и документарни филмови:
- кај кои мнозинската креативна контрола ја имаат државјани или резиденти на Република Северна Македонија;
- кои имале квалификациско јавно комерцијално кино-прикажување во периодот од 1 октомври 2025 година до 30 септември 2026 година;
- кои ги исполнуваат сите други услови утврдени со важечките Правила на Академијата за категоријата International Feature Film.
Квалификациското кино-прикажување треба да е реализирано во 35mm, 70mm или Digital Cinema Package (DCP) формат, да трае најмалку седум последователни дена во едно исто комерцијално кино, со платен влез и со јавно рекламирање во согласност со вообичаената практика за комерцијална кино-дистрибуција.
Доколку во моментот на пријавувањето филмот сè уште нема реализирано квалификациско кино-прикажување, продуцентот треба да достави потпишана изјава со која гарантира дека филмот ќе ги исполни условите за подобност во роковите пропишани од Академијата.
Доколку кино-прикажувањето не биде реализирано во пропишаниот рок или не ги исполни условите на Академијата, филмот нема да може да биде официјално пријавен како македонски кандидат.
За сите прашања што не се уредени со овој јавен повик, директно се применуваат важечките Правила на Академијата за категоријата International Feature Film, достапни на: https://www.oscars.org/oscars/rules-eligibility
Во случај на несогласување или различно толкување помеѓу одредбите на овој јавен повик и Правилата на Академијата, предност имаат Правилата на Академијата.
Пријавување на филмовите
Пријавата за филмови за избор на македонски кандидат за Оскар ја поднесува продуцентот или лице овластено од продуцентот или од носителот на правата на филмот.
За учество во изборот, потребно е да бидат доставени:
- Потврда од дистрибутерот или кино-прикажувачот за комерцијално прикажување на филмот најмалку седум последователни дена во едно исто комерцијално кино, во периодот од 1 октомври 2025 година до 30 септември 2026 година. Доколку кино-дистрибуцијата сè уште не е реализирана, се доставува потпишана изјава од продуцентот со која се гарантира дека таа ќе биде реализирана во пропишаниот рок и согласно условите на Академијата.
- Биографија и филмографија на режисерот на филмот.
- Комплетна листа на актерската и филмската екипа, со назнака за професионалната функција, државјанството или земјата на резидентност на членовите на клучната креативна екипа.
- Листа на освоени награди, фестивалски прикажувања и податоци за домашната и меѓународната дистрибуција на филмот.
- Информации за продажниот агент и дистрибутерите, доколку постојат, како и краток план за промоција во случај филмот да биде избран за македонски кандидат.
Начин на пријавување и рок
Сите заинтересирани продукции треба да ги достават своите пријави најдоцна до 17 август 2026 година, по електронски пат на This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it..
ДФРМ го задржува правото да побара дополнителни информации или документи кога тоа е потребно за утврдување на подобноста на пријавениот филм.
Поднесувањето пријава не значи автоматски дека филмот ги исполнува условите на Академијата. Конечната одлука за подобноста на официјално поднесениот филм ја донесува Академијата.
Постапка за избор на македонски кандидат
Врз основа на Одлуката донесена на редовното Собрание на ДФРМ на 6 јуни 2018 година, претседателот на ДФРМ предлага Комисија за избор составена од членови на Друштвото и истакнати филмски професионалци.
ДФРМ им обезбедува на членовите на Комисијата пристап до сите пријавени филмови што ги исполнуваат условите, преку затворена кино-проекција или заштитен линк. Проекциите и линковите се наменети исклучиво за членовите на Комисијата.
По разгледувањето на сите филмови кои ги исполнуваат условите, Комисијата носи одлука за избор на македонскиот кандидат.
Објавување на резултатите
По завршувањето на изборот, ДФРМ официјално ќе го извести продуцентот на избраниот филм, како и релевантните институции и средствата за јавно информирање.
Официјалното поднесување на филмот избран за македонски кандидат за Оскар до Академијата за филмски уметности и науки мора да се изврши до 30 септември 2026 година.
По изборот на македонскиот кандидат, продуцентот на филмот, во координација со ДФРМ, ја поднесува официјалната пријава до Академијата и ја доставува целокупната документација и материјали што ги бара Академијата преку својот електронски систем за пријавување.
За дополнителни информации или прашања обратете се на This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it..





