ДРУШТВОТО НА ФИЛМСКИТЕ РАБОТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА едногласно ги поддржа мерките за спас на филмската фела и македонската кинематографија

3.07 2020
ДРУШТВОТО НА ФИЛМСКИТЕ РАБОТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА едногласно ги поддржа мерките за спас на филмската фела и македонската кинематографија

На последното собрание на Друштво на Филмските Работници на Македонија, помеѓу останатото, беа разгледувани и мерките донесени од страна на Агенцијата за филм на РСМ – првата за ургентно префрлување на рата за проектите што се завршени или се во поодмината фаза на реализација, и втората, во соработка со ДФРМ, која претставува директна финансиска помош за независните филмски работници, оние кои егзистираат единствено од работа на филмски проекти и немаат приходи по други основи. И двете мерки се донесени интервентно, земајќи ја предвид моменталната ситуација со светската пандемија предизвикана од вирусот КОВИД 19, а нивната цел е да се помогне и одржи кревката македонска кинематографија. Истите или слични мерки се спроведуваат во безмалку сите земји во Европа. На собранието на ДФРМ, едногласно беа поздравени овие потези, знаејќи дека во изминативе шест месеци работата на филм во државата беше во целосен застој.

Едногласно, од страна на собранието беше донесен заклучок дека со индигнација се отфрлаат и осудуваат неодамнешните написи во одредени медиуми, како и обвиненијата на поединци во врска со споменатите мерки. Политичките притисоци на тие поединци, каде се издвојува името на нашиот режисер Милчо Манчевски, претставуваат атак на домашната кинематографија, со единствена цел да се остварат лични интереси во време на предизборни активности на политичките партии. Ваквото однесување не’ враќа кон времињата на едноумие и нетранспарентност, кога огромни средства со години се префрлуваа на поединци и им беа исплаќани екстремно високи хонорари. На тој начин се оставаше малку простор за афирмација и работа на голем дел од филмската фела, посебно кај младите професионалци. ДФРМ смета дека овој начин на функционирање треба да го ставиме зад нас, посебно во периодот кога македонската кинематографија има свој драматичен подем. Македонските филмови конечно се дел од најпрестижните филмски фестивали и ја освојуваат светската публика преку филмските фестивали како Санденс, Берлин, Кан, па се’ до огромниот успех на годинашната церемонија на американската Академија, каде нашата земја се закити со две номинации за Оскар.

ДФРМ испраќа апел до политичките партии и одредени медиуми, да не подлегнуваат на притисоците и манипулативните конструкции кои ги лиферуваат поединци за сопствен бенефит. Сметаме дека треба јасно и недвосмислено да се искаже ставот дека е недозволиво, македонската филмска фела да биде заложник на таквите интереси и со тоа да назадува националната кинематографија. Посакуваме заедно, посветено и транспарентно, да ги почитуваме пропишаните критериуми кои мора да важат за сите подеднакво и да продолжиме со афирмацијата на нашиот филм и култура во светот.

 Друштвото на филмските работници на Македонија е единственото релевантно струково здружение од областа на филмот во нашата земја. ДФРМ e член е на IMAGO, светската асоција на кинематографери, член на FERA, европската асоцијација на филмски режисери, основач е и организатор на Интернационалниот фестивал на филмска камера Браќа Манаки и ја поседува лиценцата за избор на национален претставник за наградата Оскар, доверена од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Оваа година Друштвото на филмските работници прославува 70 години од своето основање.

Со почит,
Друштво на филмските работници на Македонија