ДФРМ СТАНА ЧЛЕН НА ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА АУДИОВИЗУЕЛНА ПРОДУКЦИЈА

1.09 2020
ДФРМ СТАНА ЧЛЕН НА ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА АУДИОВИЗУЕЛНА ПРОДУКЦИЈА

ДФРМ, односно Друштвото на филмски работници на Македонија е 19-та членка која се приклучува на Европската Асоцијација за Аудиовизуелна Продукција (CEPI).
CEPI е основана како Европска Координација на Независни Продуценти во 1990 со цел да ги организира и застапува интересите на независните кино и телевизиски продуценти во Европа.
Во 2018 година CEPI се претставува како Европска Аудиовизуелна Продукција и денес е единствената европска асоцијација која вклучува независни телевизиски и филмски продуценти, односно 8000 независни продуцентски компании во Европа.
Членовите на CEPI создаваат широк спектар на разновидна филмска и телевизиска содржина, од самостојни документарци, организирање и изведба на специјални настани, до емисии, анимации, високобуџетни драмски серии. Членовите на оваа асоцијација се креатори на едни од најиновативните, најпопуларните и најпредизвикувачките филмски и телевизиски содржини во Европа. Заедно членовите на CEPI обезбедуваат над 16.000 часа нова програма на радиодифузерите во Европа.
Друштвото на филмски работници на Македонија е член на IMAGO, Светска Асоцијација на Кинематографи, член на FERA, Европска Асоцијација на филмски режисери, член на EPC, Европски продуцентски клуб и ја поседува лиценцата за избор на национален претставник за наградата Оскар, доверена од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.