Филмска ревија „Златна рамка“ 2019

12.03 2019
Филмска ревија „Златна рамка“ 2019
 Филмска ревија „Златна рамка“

„Златна рамка“ е филмска ревија во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година. „Златна рамка“ за првпат се одржа од 22-24.02.2019г во МКЦ, Кино Фросина.

Примарната цел е да се даде отчет за сработените филмови и на македонската публика да и се прикаже без селекција, јасна и транспарентна слика за филмската дејност која е поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, односно од буџетските средства.
Ваков начин на претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Најголем број на овие филмови не се прикажуваат во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика.

„Златна рамка“ трае неколку денови, зависно од обемот на македонската продукција произведена во текот на една календарска година. Редовното Собрание на ДФРМ кое се одржува на почетокот на секоја година, е составен дел и означува почеток за филмската ревија „Златна рамка“. На свечениот дел на Собранието се презентира програмата, филмовите кои се прикажуваат и настаните кои се организирани како составен дел од ревијата. ДФРМ во рамките на оваа манифестација организира и Церемонијал на доделување почесни награди за истакнат филмски актер, автор и филмски работник и на тој начин оддава почит на филмскиот еснаф и цели кон подобрување на достоинството на филмските работници.

FaLang translation system by Faboba